„Пожар“ меѓу Македонија и Бугарија?! – Дали ќе „изгори“ бугарското вето до крајот на француското претседателство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема пожар меѓу Македонија и Бугарија во овој момент. Вчерашниот инцидент нема да ги наруши односи меѓу двете земји, вели во интервју за БТВ Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска која е во посета на Скопје.

„Нормални, конструктивни односи. Се води нормален работен дијалог, навистина двете страни работат длабоко. Се тоа одзема многу часови, сега продолжуваме за да се обидеме да најдеме решение на отворените прашања со цел исполнување на договорот за добрососедство“, истакна Теодора Генчовска.

Но дали до крајот на француското претседателство може да се добие зелено светло од Бугарија, со што би се откочил патот на Македонија кон Европската унија.

„Нормално е да имаат очекувања да започнат преговори што е можно најрано, но постојано кажуваме дека процесот да биде заснован на заслуги и без временски рамки. Барем од бугарска страна никогаш не се поставени рокови, дати или обврзување со крај на едно или почеток на друго претседателство“, посочи Теодора Генчовска.

Прашањето со Македонија е разговарано со сите министри и премиерот на Бугарија, додава Генчовска. Но дали средбите на министерско ниво даваат надеж дека може да се дојде до решение?

„Оптимисти сме по однос на постигнување резултати, кога и како пак тоа е прашање на подготвеноста на колегите од Владата на РСМ да реализираат тие договорени работи и постигнување на конкретни резултати“, вели Теодора Генчовска.

Освен за политичките прашања, на средбите се разговарало и за Коридорот 8, развој на бизнисите меѓу двете земји.

Посетата се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Македонија.