Пожарникарите ги гаснат преостанатите пожари во близина на Атина, се проценува штетата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пожарникарите денеска се обидуваат да ги изгаснат последните преостанати пожари околу Атина во кои загина една жена, а илјадници беа принудени да ги напуштат своите домови.

Повеќето од пожарите се изгаснати, три дена по нивното избувнување, но властите предупредуваат дека нема опуштање бидејќи пожарникарите се уште се борат со спорадичните пожари, пренесува Ројтерс.

„Тоа е огромна област и противпожарната бригада работи деноноќно за да се осигура дека нема понатамошно избувнување на пожар“, изјави висок претставник на грчката федерација на пожарникари, Никос Лавранос.

Во исто време, владините инспектори во моментов вршат проценка на штетите на зградите и државната инфраструктура.

Некои од жителите се враќаат во своите опожарени домови и имоти, надевајќи се дека ќе најдат некој од нивните лични работи.

Државната телевизија ЕРТ јави дека сè уште нема струја во некои загрозени подрачја.

Стотици пожарникари со помош на десетици авиони се борат со пожарите од неделата, кога огнената стихија започна од шумата кај градот Варнавас, на 35 километри од главниот град кон северните предградија на Атина.

Во пожарот оштетени се околу 10.000 хектари земјиште. Причината за пожарот се уште не е утврдена.

Предупредувањето за пожари за Грција останува на сила до четврток, кога се очекува температурите да достигнат околу 40 Целзиусови степени.