Пожарот кај ГП „Богородица“ ставен под контрола – пожарот ја зафатил караулата на АРМ, изгорело и полициско возило

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„По четиричасовната борба со пламените јазици кои го зафатија шумскиот појас крај македонско-грчката граница, пожарот е ставен под контрола“, информираат од општина Гевгелија.

Тие посочуваат дека поради отежнатите временски услови, односно тивкиот ветар, пожарот е се уште активен, но е локализиран.

Од ТППЕ- Гевгелија информираат дека пожарот зафатил голема површина борова шума, а поради ветрот истиот се проширил до грчката територија, зафаќајки ја и граничната караула на АРМ, каде опожарено е едно полициско возило.

Во локализирањето на пожарот, покрај ТППЕ- Гевгелија, учествуваа и ЈПДК „Комуналец“- Гевгелија со механизација, Шумско стопанство- ПЕ „Кожув“- Гевгелија, граничната полиција и вработени од хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“ и БП „Шимов“.

Додека, на грчката страна во локализирањето беа вклучени и пожарникарите од Поликастро. Засега, екипи од ТППЕ- Гевгелија остануваат на терен за да ја следат состојбата со активните жаришта и да спречат можност повторно пламнување и проширување.

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, постојано ја следеше и координираше работата за локализирањето на пожарот на самиот терен.

„Jа изразувам својата благодарност за херојството и интервенцијата на гевгелиските пожарникари, вработените од ЈПКД „Комуналец“ и Шумско стопанство- ПЕ „Кожув“- Гевгелија, вработените од хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“, БП „Шимов“ и граничната полиција. Како и до ТППЕ и градоначалниците на Демир Капија, Неготино и Кавадарци кои веднаш излегоа во пресрет на барањето на Општинскиот кризен штаб и се придружија на сите нам во борбата со пламенот, придонесувајќи да се избегне катастрофа од поголем размер. Oдносно, пожарот да ги зафати: хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“, граничниот премин и двете бензински пумпи „Шимов“ и „Окта““, вели Поцков.