Правосуден испит: ДУИ со критики до првиот вицепремиер Сали, ВЛЕН со критики за екс-министрите за правда Беџети и Јашари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Политичките ривали Демократска унија за интеграција (ДУИ) и ВЛЕН продолжуваат со меѓусебните обвинувања околу правата на Албанците и прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик.

Од ДУИ реагираа на изјавите на првиот вицепремиер Беким Сали во Клик плус на ТВ21 дека конечно ќе биде пронајдено решение за одредени прашања поврзани со употребата на јазиците, оценувајќи дека фактот што сè уште нема донесено решение е добра вест.

„Во четврток рече: ќе има конечно решение. Денес е петок. Решение нема. И за првпат тоа е добра вест. Бидејќи секое решение надвор од Законот за јазиците би било катастрофално“, порачаа од партијата, додавајќи дека актуелната власт, според нив, по сè изгледа не е способна да понуди ниту лоши решенија.

На ваквите ставови возвратија од ВЛЕН, од каде што ја обвинија ДУИ дека со години не го решила прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик и покрај тоа што Министерството за правда било предводено од нивни кадри.

Според ВЛЕН, по мандатот на Блерим Беџети, Министерството за правда го раководел и Аднан Јашари, но проблемот останал нерешен.

„Мандат имаа, надлежности имаа, но немаа волја за албанските студенти. Додека студентите чекаа решение, системот функционираше кога стануваше збор за луѓе блиски до ДУИ“, наведуваат од коалицијата.

Во соопштението ВЛЕН го споменува и случајот со синот на Талат Џафери, тврдејќи дека токму во периодот кога министер бил Аднан Јашари, тој го полагал правосудниот испит иако сè уште немал дипломирано.

Од коалицијата бараат Јашари јавно да објасни зошто во неговиот мандат не било решено прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик.

Истовремено, ВЛЕН најавува дека работи на системско решение со кое правосудниот испит и другите професионални испити во иднина ќе можат да се полагаат и на албански јазик.

Размената на обвинувања доаѓа во период кога прашањата поврзани со употребата на јазиците и правата на Албанците повторно се меѓу главните теми на политичката сцена.