Правосудството на прочистување – нови правила и прописи во оценувањето, но каде е одговорноста?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Оценувања,  дисциплински постапки за судиите и обвинителите кои несовесно и непрофесионално постапуваат, се најавува со методологијата за прочистување на правосудството. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, посочи дека покрај досегашните значително се менуваат протоколите за оценка на јавните обвинители, а целта е да се засили нивната одговорност.

„Оценувањето на јавните обвинители се врши на 4 години и овој циклус нов на оценување ќе започне од први јануари следната година, меѓутоа, обвинителите ќе се оценуваат врз основа на 6-месечни извештаи во кои ќе бидат разгледувани 6 предмети од кои три ќе ги посочи јавниот обвинител, додека другите предмети ќе се изберат по случаен избор“, истакна Љубомир Јовески.

Во случаи кога се поведува дисциплинска постапка и доколку се докаже нивно  непрофесионално работење, вообичаено е обвинителите и судиите да си поднесат оставки и тука завршува нивната одговорност. Јовески смета дека со оставката е постигната целта иако, како што рече, би можело и да се поведе постапка против обвинител. Но, досега не е утврдена одговорност за ниту еден обвинител. Според претседателот на Судскиот Совет Киро Здравев, за судиите е предвидено поведување постапка за оној кој несовесно работел иако тој претходно си поднел оставка.

„Доколку судијата не поднесе оставка, тогаш во изреката ние го разрешуваме од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Додека ако си даде оставка или во меѓувреме се пензионира во таков случај изреката на одлуката е декларативна, утврдуваме дека ја сторил таа и таа повреда која што е предмет на самата постапка“, вели Киро Здравев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ се пофали дека со планот за прочистување за прв пат се поставува систем за следење и оценување на работата на главните кадри во правосудството со кој се поставени критериумите за избор но, исто така и за оценување и разрешување на судиите и обвинителите.

„Овој систем кој денеска го претставивме отвора можности не за топ 10, туку за топ 100 случаи, кои што во текот на годината може јавноста да добие одговор за нивно постапување . Тоа значи зголемена одговорност, тоа значи зголемена транспарентност и тоа ќе значи секако резултати кои ќе дадат поголема доверба кај граѓаните во системот“, додава Бојан Маричиќ.

Новата методологија за прочистување на правосудството доаѓа откако деновиве Советот за реформи го утврди Интерниот план на Судскиот совет за следење и оценување на работата на судиите, судовите и нивните претседатели, како и Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители.