Нови бомби. На каналот „Рекет 2“ на Јутјуб се објавени снимени разговори во кои се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Зоран Милески-Кичеец, и екс-директорката на Агенцијата за вработување, Слободанка Алексовска. Се претпоставува дека „бомбите“ се снимени за време на средбите кои се одржуваа за постигнување консензус за судбината на „бомбите“ и СЈО. На новите снимки се слуша како Мицкоски вели дека на средбите барал да се затвори предметот „Империја“, во кој главниот осомничен беше Орце Камчев, кој го пријави случајот „Рекет“. Мицкоски зборува и за помошта која Камчев му ја дал за да ги подмири долговите на претходното раководство на партијата.
По ова, Мицкоски продолжува да раскажува дека поради тоа, во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство се залагал да заврши предметот. Тој не спомнува за кој предмет станува збор, но водејќи се по претходните „бомби“ се претпоставува дека мислел на предметот „Империја“ кој се водеше против Орце Камчев.
Мицкоски вели дека се монтирани и дека се објавени од страна на СДСМ.
Првиот човек на СДСМ, пак, Зоран Заев, негира дека некој од неговата партија стои зад објавување на „бомбите“.
Преговорите за Законот за ЈО се одвиваа повеќе од една година. Како што велеа лидерите, најголемата разлика меѓу нив биле тоа кои „бомби“ треба да се искористат како доказен материјал, откако СЈО ќе премине во ЈО. Пред само неколку дена беа објавени и т.н бомби за екс директорот на Фондот за здравство. Опозицијата него и Заев ги поврза со Дијамед и продажбата на центрите за дијализа. Вчера екс директорот на Фондот беше на распит во полициска станица.
