Албанската опозиција Алијанса за Албанците- Алтернатива изразија подготвеност уште еднаш да се разгледа нивниот предлог за Законот за државјанство, за кој пред неколку дена премиерот Зоран Заев рече дека не е во целост според договореното на средбата. Не се знае за кои точки премиерот зборуваше, но потпретседателката на Алијанса, Бујаре Абази вели дека усогласувањето ќе се направи на следната средба, која сѐ уште не се знае кога ќе се одржи.
„Ние не направивме измени и не мислиме дека треба да направиме измени, меѓутоа доколку има некаков аргумент во врска со критериумите кои ги имаме одредено околу потврдување на граѓаните за жителство во Македонија во времето на екс-Југославија, тогаш има простор за дискусија. Но, како и да е, добар чекор е и добра можност за сите оние кои долго време биле без државјанство“, рече Бујаре Абази, потпретседателка на АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, објасни дека измените се направени во неколку члена, за кои сметале дека можат да бидат во функција на подобрување на квалитетот на текстот и дека немале никаква друга тенденција.
„Доколку другата страна утврди дека станува збор за радикални промени, нормално дека ние можеме да ги смениме. Главно се задржавме на промените за кои се договоривме на средбата, но имаше и одредени сегменти кои мислевме дека е добро да бидат направени сега во овој процес и да не се оставаат за подоцна“, истакна Африм Гаши, претседател на АЛТЕРНАТИВА.
Предлог-законот на албанската опозициска коалиција сѐ уште не е ставен во собраниска процедура. Доставен ѝ е на пратеничката група на СДСМ, од каде пак на разгледување го испратија во МВР и Министерството за правда. Со новиот закон, државјанство ќе може да се добиеш доколку си роден во Северна Македонија или со натурализација, за што пак, ќе треба да се исполнат одредени законски услови. Поради прашањето за државјанството АА-ААА блокираше неколку закони во Собрание и рекоа дека нема да се деблокираат сѐ додека не се изнајде законско решение.
