Системот за парламентарен надзор на безбедносните и разузнавачките служби да се зајакне со надворешно и независно експертско тело со што би се подобрила ефективноста.
Тоа се наведува во препораките од Центарот за контрола на вооружените сили на 16 Женева (ДЦАФ) презентирани на денешната заедничка седница на собраниските комисии за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и за надзор над спроведувањето посебна истражна мерка следење на комуникациите. По трите седници на собраниските комисии за надзорот, одржани во октомври, ноември и во декември лани, со експерти од Данска, Норвешка, Словенија и Обединетото Кралство е изготвен Извештај со резиме и препораки околу надзорот врз разузнавањето, внатрешната контрола и отчетноста на безбедносните и разузнавачките сили во Македонија. Дебатите за измени во постојното законодавство и процедури, и за тоа како да се зголеми ефективноста на нивниот надзор резултираа со препораки во три области: законодавство, внатрешни контроли и надворешен мониторинг и надзор на безбедносните и разузнувачките служби.
– Овој процес се случува во период на малку или немање активност во надзорот на разузнавањето и безбедноста и се гради на моментумот кој доаѓа од Договорот од Пржино. Процесот се заснова на сопственост и многу ангажман и напори од страна на двете комисии за да се гледа напред, а секако имаше и многу недоразбирања, рече на седницата Марк Ремилард, претставник на ДЦАФ.
Според Ремилард, законите треба да воспостават јасен мандат и овластување на безбедносните и разузнавачките служби и процедури за авторизација на следење. Законот, исто така, треба да одреди мандат и точни овластувања и надлежности на релевантните парламентарни комисии и нивниот однос со службите и министерствата што се предмет на надзор.
– Јасноста за тоа кој и што се контролира од страна на комисите е од клучно значење, рече Ремилард, посочувајќи дека треба да се избегне удвојување со други тела како Народниот правобранител и Државниот ревизор и да се обезбеди соработка и координација помеѓу двете комисии.
Треба да се воведе и тројна заштита на законитост, потреба и пропорционалност на барањето за следење. Тоа, како што рече, треба да се дискутира и одреди пред да се издаде налог за нивно спроведување. Законот треба да разликува групно следење и целно следење на комуникациски податоци со содржина и да ги одреди соодветните процеси на овластување, но и да воведе независен механизам за жалби околу наводни прекршувања на законот во поглед на прикриено собирање информации.
Во препораките во областа на внатрешната контрола се наведува дека е неопходно намалување на просторот за субјективност во одлуките и одобрувањето операции за следење и разузнавање преку вградување што поголема контрола во ИТ системите и барање за јасен процес преку кој вработените што го вршат следењето и аналитичарите кои ги пребаруваат базите на податоци се соодветно најавени. Овие најави (логинзи) треба да бидат достапни за надзорните тела со цел да се утврди почитувањето на тројната заштита, како и тоа дека било дадено предодобрување. Се препорачува јасно да се дефинираат чувствителните цели, како што се новинарите и адвокатите, а посебно внимание се наведува да се посвети на развој на кодекс за следење на комуникации и посебна обука на кадарот во безбедносните и разузнавачките служби.
Во препораките за надворешен мониторинг и надзор на безбедносните и разузнавачките служби, пак, меѓу другото се наведува комисиите да разработат работна програма за целиот парламентарен мандат и со закон да имаат можност да извршуваат инспекции и посети на безбедносните и разунавачките служби вклучително и просториите на приватните телекомуникациски провајдери. – Членовите треба да имаат пристап до сите потребни информации со цел тие да го извршуваат својот мандат. Овде очигледно постојат играничувања за одредени активности. Комисите мора да побаруваат, а не само да бараат пристап до информации, рече Ремилард.
Истакна дека членовите на комиисите треба да ја почитуваат доверливоста и оти треба да се воведат посебни процедури за заштита на класифуцирани и тајни информации, како што е безбедна и заштитена просторија во рамки на Собранието со цел да има безбедно опкружување за безбедни состаноци на разузнавачки теми за да се слушнат изјави од министри или директори кои не би биле загрижени за евентуално „истекување“ на одредена информација.
Ефективниот надзор, потенцира, бара и високо ниво на професионализам и од самите членови, како и технички и стручен кадар за поддршка на надзорот. – Имајќи го предвид сето ова препорачуваме внимателно да го разгледате системот на надзор и неговото зајакнување преку надворешно и независно експертско тело назначено и кое ќе известува во Парламентот, составено од независни експерти со соодветни позадини со цел да се навлезе подлабоко во техничката верификација и контрола на однесувањето и спроведувањето на активностите за следење на комуникациите, рече Ремилард, потенцирајќи дека спроведувањето на препораките може да бидат основа за градење подолгорочен систем за надзор и отчетност на безбедносните и разузнавачките служби.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Павле Саздов, забелешките во извештајот се технички, реални и применливи, но не значат ништо ако не се подобри безбедносната култура. Токму тоа, истакна, треба да биде предмет на идна дебата.
– Ништо што е тука напишано не е тешко да се спроведе, и посебна соба да се направи во Собранието и да се вработат луѓе како техничка поддршка на пратениците и да се направи план. Во РМ имаме друг проблем со ниско ниво на безбедносна култура, а тоа е случај и кај пратениците. Имаме проблем со ниското ниво на доверба помеѓу пратениците членови на овие комисии, но и ниско ниво на соработка кога станува збор за прашања од областа на надзорот, рече Саздов.
За жал, посочи, прашањата од надзорот и безбендоста не се интересни за пошироката јавност, со исклучок кога имало некаков скандал.
Претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање Хари Локвенец истакна дека е важно да се применат препораките за надзорот. – Силна служба или силни агенции се врвен државен интерс на граѓаните на РМ, а кои ќе бидат заштитник на слободите и правата на граѓаните, подготвени да се соочат со сите предизвици на локално и глобално ниво, рече Локвенец.
Основната работа, истакна, е контролата која треба да ја направиме за да не се појави злоупотреба во работењето на службите. – Затоа сакаме подготвени со сите знаења и дополнителни вештини кои се потребни да одиме и суштински да направиме контрола во работењето на службите. Нашата задача е да направиме контрола на работењето во минатото но и во исто време да го испроектираме идното функционирање на контролниот собраниски механизам и на Управата и на Агенцијата, рече Локвенец.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз (ДС) рече дека досега во Парламентот не биле доставени реформски закони во оваа област што било обврска од Извештајот на Прибе и оти парламентарните комисии не се оспособени да направат суштински увид и контрола на кој начин функционираат безбедносните системи.
– Парламентот не воспостави суштинска контрола дали овие системи по обелоденувањето на скандалот се ставени под контрола. Знаеме дека има некои внатрешни подобрувања, но тоа се интерни решенија кои не дават гаранција дека може да се воспостави суштинска контрола, рече Трајанов.
