Претседавањето со ОБСЕ ќе ја чини земјава околу 5 милиони евра, информираше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, но сепак, според него, придобивките што ќе ги има земјава се многу поголеми. Најголем трошок ќе биде Министерскиот состанок кој треба да се одржи кон крајот на годинава а на кој, меѓу другите ќе учествуваат и САД и Русија. За промоција на претседавањето со ОБСЕ, МНР ангажираше и агенција за која ќе се потрошат 100 илјади евра. Дали во услови на криза за ова не можеше да се ангажираат вработените и во МНР и во Влада?
-Шест милиони денари е набавката, агенцијата е Рејтинг и се одлучивме заради тоа што немаат таков кадар во министерството во однос на дизајнери. Во еден час треба да слетуваат 70 министри за надворешни работи. Сето тоа треба да се обезбеди со возила. Ние немаме толку ВИП возила за 70 високи претставници и тоа работиме како да ги најдеме некаде во регионот да ги позајмиме-рече Османи.
Приоритетите на нашето претседавање, рече Османи ќе биде зајакнување на мисиите, посветеност кон таканаречените замрзнати конфликти, како и владеење на правото и борба против корупцијата. Особена важност ќе биде посветена на воената агресија на Русија врз Украина. Како ќе се одвива комуникацијата со официјална Москва?
„Планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина, затоа што реков, Украина ќе го доминира претседавањето. Комуникација со Русија, да, ќе има во Виена, амбасадорите се во постојана комуникација, но им е јасно укажано дека треба да се вратиме кон почитување на заложбите и принципите на ОБСЕ, а потоа да видиме како може тоа да се претвори во еден суштински дијалог на вредности.“, изјави Османи.
Македонија го презеде претседавањето со ОБСЕ од први јануари годинава, а мотото е „Се работи за луѓето“.
