Од истрелите во воздух со пиштол во синоќешниот инцидент на плоштадот Скендербег, “настрада“ директорот на ЈП Комунална хигиена, Зуди Енузи – Кока кој е разрешен од должноста, бидејќи лицето кое извади пиштол е неговиот брат.
Синоќа на полноќ градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска информираше за разрешувањето на Зуди Енузи Кока.
Оваа постапка на Арсовска предизвика реакција од потпретседателот на АА, Арбен Таравари, кој рече дека ќе побара од раководството да се прекине соработката со Арсовска.
„Мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје бидејќи за негово разрешување, градоначалничката прво треба да се консултира со нас. Ова го кажувам лично, не во име на партијата, меѓутоа денеска ќе имаме и состанок во партијата“, посочи Арбен Таравари.
Како контра-одговор на изјавата на Таравари, Арсовска рече дека соработката со АА завршила уште синоќа.
„Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје. Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува“, вели Данела Арсовска.
Сепак Алијанса за Албанците, во Град Скопје има и заменик-градоначалничка, Бујаре Абази. Портпаролот на партијата, Арбен Зеќири вели дека и за неа ќе одлучува партиското раководство.
„И ова што го прашувате ќе зависи од одлуката што ќе ја донесе Централното раководство на Алијанса за Албанците бидејќи не можат да се носат индивидуални одлуки, било за директор или заменик-градоначалничка на Град Скопје. Одлуката треба да биде партиска и политичка, треба да се анализираат сите околности“, вели Арбен Зеќири.
Алијанса за Албанците во Советот на Град Скопје има само еден советник, а пред да се растури коалицијата со Алтернатива имаа двајца.
