Притворот во Шутка, под човечко достоинство – Пандов: Во Идризово ќе се гради ново притворско одделение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Здрав човек таму за кратко ќе попушти“ – вака директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов го оцени притворското одделение во затворот во Шутка, кое го неодамна за првпат го посетил. Тој напомена дека таму со месеци и години лежеле, како што вели, политички осуденици од ВМРО-ДПМНЕ.

„Таму куче да врзеш, мислам дека за краток период ќе попушти и со здравје и со мозок и со се. Има таму ќелии коишто се под секакво човечко… не достоинство, па тоа на филм јас немав видено во одредени ќелии каде што влегов е… сега се наежив повторно, тоа е под секакво човечко достоинство“, вели Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.

Пандов најави дека до крајот на мандатот ќе изгради притворско одделение во затворот во Идризово, зашто таму веќе има судница, изградена со европски пари, која зјае празна и е нефункционална со години. На тој начин ќе се заштеделе и пари.

„Секое осомничено лице го носиме во Шутка, а секој транспорт од Шутка до Кривичен суд, нас како граѓани не чини 42 илјади денари, натаму-наваму. Ако се четворица лица, тоа се 170, односно 168 илјади денари“, вели Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.

Покрај условите, голем предизвик е и недостигот од двесте до триста затворски полицајци.

„Дел се паднати во разно-разни акции, дел се отидени во пензија“, вели Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции.

Во затворот во Идризово отсега е пуштено во употреба реновирано крило, каде ќе можат да се сместат сто затвореници. Местата ќе се пополнат со затвореници од преполнетиот оддел од затворот во Идризово, наменет за затвореници со сторени тешки кривични дела.