Приватните специјализанти на генерален штрајк – Демири: Во 2017 не добиле ниту еден денар, ова има политичка позадина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Приватните специјализанти стапија во  генерален штрајк поради тоа што, како што велат, нивите барања не беа разгледани на владина седница, како што им беше ветено од министерот за здравство Илир Демири. Демири вели дека Владата на минатата седница имала други приоритети и дека утре ќе се ангажира за ветувањето дадено на специјализантите. Освен тоа Демири ги потсети младите лекари за нивната позиција пред неколку години, кога немале воопшто примања.

„Владата имаше други приоритети или овој вторник или следниот вторник ќе се расправа за нивниот проблем. Јас мора да направам регрес и за вас како новинари да ве потсетам на позицијата на специјализантите пред 2017 година и по 2017 година. До 2017 година специјализантите не добиваа ниту еден денар од државата, по 2017 година влегоа во владината програма и почнаа да земат плата која е над 26 илјади денари, околу 500 евра. На две или три рати, со три месечни плати тие ја плаќаат приватната специјализација, притоа не вклучувајќи го овде додатокот – дежурство, за што се плаќаат специјализантите при нивната стручна едукација. Не велам дека е идеално, но видно се во подобра позиција од пред 2017 година“, порача Илир Демири.

Министерот Илир Демири, смета дека штрајкот и протестот на приватните специјализанти на прагот на изборите имаат политичка позадина.

„Треба да знаете дека не е без политичка позадина овој вид на организирање, што не е добро и не сакам да го оспорувам ова“, вели Илир Демири.

Претседателот на Асоцијацијата на приватни специјализанти и лекари, Бојан Трајковски, негира дека имаат политичка позадина.

Приватните специјализанти се револтирани поради тоа што немаат пензиско и здравствено осигурување и бараат зголемување на месечниот надоместок кој сега достигнува 26 илјади денари и тој да биде во ниво на минималната плата на лекарите во јавните здравствени институции, и барат решавање на нивниот статус како невработени лица. Инаку денеска попладне претставници на околу 500 специјализанти уште еднаш ќе се сретнат со Министерот за здравство.