Испитувањето на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства во Косово, кое започна вчера претпладне во просториите на меѓународната правна мисија на Европската унија, ЕУЛЕКС, се очекува да продолжи и во текот на денешниот ден, јави дописникот на МИА од Приштина.
Првиот распит на Ахмети започна вчера во 9.30 и траеше до 18 часот, кога тој го напушти седиштето на ЕУЛЕКС, при што не даде изјава за медиумите. Досега нема никакви информации во врска со распитот, ниту од Ахмети, ниту пак од меѓународните истражни органи пред кои тој даде изјава.
Иако засега нема официјални најави, ниту од лидерот на ДУИ, ниту од Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, според досегашните практики на Специјалното обвинителство, се очекува распитот да продолжи и во текот на денешниот ден.
Според косовските, како и според повеќе меѓународни медиуми, Ахмети е повикан од Меѓународниот суд, чие седиште е во Хаг, во својство на сведок, како еден од членовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) уште од нејзиното основање и активен учесник во косовската војна во 1998-99 година.
Специјализираните комори за Косово, кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.
Извор: МИА
