Протест за одговорност и оставки по пожарот кој избувна во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица.
Протестот почна од центарот во Тетово каде еден од демонстрантите ни рече дека го креваат гласот бидејќи болниците не се безбедни и побара оставка од министерот и сите одговорни лица.
„Доколку во болницата немаме сигурност,што ни останува нам граѓаните. Во случајот, бараме што побрзо да се реши, имаме семејства, пријатели, не дека нам ни се случило во семејството, туку за секој граѓанин на Македонија. Во медиумите не видовме дека дадоа изјава. Треба да има разрешувања и оставки што поскоро.“
Демонстрантите маршираа до општинската зграда на Тетово каде еден од организаторите одржа говор.
„Нашиот глас не е моќен, да беше моќен , ним ќе им се разнишаше фотелјата но и тлото под нозете. Императив е оваа класа на бољшевичка политика да исчезне што поскоро и треба да се сфати како граѓанска обврска. На овие граѓани им потона мозокот во септичка јама, не чекајте повеќе.“, рече Блерим Амети.
Заминувајќи си од Општината, кон зградата почнаа да фрлаат јајца.
А кај Тетовската болница одржаа едноминутно молчење.
Кога тргнаа кон седиштето на ДУИ, демонстрантите беа спречени од полициски кордон. Побараа алтернативен пат, а имаше случаи и кога се спротивставија на полицијата, а успеаја и да го разбијат кордонот на чуварите на редот.
На друг пат, неколку демонстранти застанаа пред полицискиот кордон, а поради многуте полицајци и малиот број демонстранти состојбата почна да се смирува. Дел од демонстрантите на неколку минути го блокираа патот Тетово – Гостивар.
