Педесет годишна жена е првиот случај на коронавирус во Македонија. Информациите на вонредна прес конференција ги соопшти министерот за здравство Венко Филипче, заедно со техничкиот премиер Оливер Спасовски и инфектологот Жарко Караџовски. Велат нема место за паника.
Жената родена во 1970 година била еден месец во Италија, а последните две недели има симптоми на вирус, а по направените тестови денеска потврдено е псисуство на коронавирусот.
„Епидемиолошките анализи укажуваат дека еден месец била во Италија во посета кај свои роднини и веќе две недели била болна. Тоа дава право да заклучиме дека инкубацијата е помината и нема опасност да се прошири вирусот. Сега се прават анализи и тестови кај сите патници кои со неа дошле во земјава. Тие ќе бидат ставени во изолација“, рече министерот Филипче.
Лицето кај кое е регистриран вирусот, влегло утрово по 2 часот по полноќ во Македонија преку граничниот премин Табановце и веднаш била упатена во Инфективната клиника. Во моментов е свесна и дише самостојно, беше речено на прес конференцијата.
„Лицето било спроведено до местото на хоспитализација согласно сите протоколи и сега е на интензивна нега и под будно око на лекарите, целосно изолирана до другите пациенти“, истакна д-р Караџоски.
„Подготвени сме, институциите се спремни да реагираат.“, изјави Оливер Спасовски, технички премиер.
