Расправија пред Град Скопје – екологистите и градоначалникот не се разбраа за надлежностите околу огнометите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Активистите на здружението на граѓани Зелен хуман град во непланирана расправија со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тема на недоразбирањето беше дали може или не да се забранат огномети во Скопје како мерка за намалување на загаденоста на воздухот. Екологистите велат дека може, а градоначалникот пак вели дека има заклучок, ама не може да забрани.

И, така почна се:

Ѓорѓиевски: Јас не можам да донесам ниту пак Советот не може да донесе одлука да ние забраниме, еве на пример хипотетички, некое домаќинство во Ѓорче да запали огномет. Кој тогаш треба да постапи таму и да казни?…

Велковска: Град Скопје има должност и право да доставува препораки не само на локална власт туку и до останати нивоа на власт за кои смета дека е неопходно да го заштити…

Ѓорѓиевски: Вие баравте одлука, односно советникот ваш бараше одлука…

Велковска: Заклучок…

Ѓорѓиевски: Не, бараше одлука, која што ние треба да ја донесеме за забрана…

Ѓорѓиевски: Мојот став е да за новогодишната прослава никаде не се активира огномет на територија на Град Скопје. Но, не сме ние тие кои што можеме да го забраниме или да не го забраниме.

Велковска: Можете апсолутно што сакате на територија на Градот Скопје да забраните што претставува опасност…

Ѓорѓиевски: Ама не е така, ние не сме диктатура госпоѓо…

Велковска: Ама централната и локалната власт е истата партија…

Ѓорѓиевски: Ова е како некоја мерка во здравството Вие да кажете бидејќи јас сум од иста политичка партија со централната власт дека јас можам да донесам мерка во однос на здравството во Република Македонија.“

A, пресот на Зелен хуман град беше за дисколација на „Цементарница Усје“, која ја сметаат за загадувач.

„Ако ниту инспекторатот, ниту Министерството, ниту Собранието, ниту Обвинителството не ги спроведуваат своите должности и надлежности, должност на Советот на Град Скопје, како најблизок до граѓаните, и по Закон, и по Устав, да го заштити нивното здравје, може да испрати силна политичка порака и да иницира отпочнување на овој многу задоцнет процес“, изјави Марјан Калевски од Зелен хуман град.

Од Усје пак велат дека целосно ги отфрлаат неоснованите обвинувања и дека и овој пат компанијата се користи како изговор, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место.

„Последното контролно мерење беше извршено вчера (18 декември 2025 година) од страна на Државниот инспекторат за животна средина, при што инспекторите утврдија дека нема отстапувања од законски дозволените лимити.“, велат од Титан Усје.

Цементарница има Интегрирана А еколошка дозвола и е редовно контролирана од Министерството за животна средина. Инаку, ова Министерство и Град Скопје денеска донесоа мерки против загадувањето.

Министерството меѓу другото ќе има вонредни контроли на компаниите со А и Б интегрирани дозволи, а им се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронични болести по препорака на матичен лекар. Се препорачува работното време да трае од 11 до 17 часот.

Од Град Скопје пак препорачаа градежната механизација да го избегнува движењето во периодите на сообраќаен метеж, и тоа од 7:30 до 8:30 часот и од 15:30 до 17:00 часот. Град Скопје најавува засилени контроли.

Темата за загаден воздух е присутна во јавноста неколку пати во годината, посебно во зимските месеци, а се повторува, како „Дежа ви“ веќе десетина години.