Реконструкцијата е изгласана: Ова се новите министри во Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието на денешната 112. седница ја изгласа реконструкцијата на Владата, при што беа избрани осум нови министри кои ќе ги преземат ресорите во извршната власт. Сите кандидати ја добија поддршката од 69 пратеници, без гласови „против“ и „воздржани“.

За нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Борче Серафимовски, досегашен државен секретар во Министерството. Тој е дипломиран дефендолог, магистер по меѓународни односи и докторант по организациски науки, а во својата кариера бил и генерален директор и заменик-претседател на Управниот одбор на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе.

Ресорот здравство ќе го предводи Сашо Клековски, кој доаѓа од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување. По професија е лекар, а има и МБА диплома. Во својата кариера учествувал во подготовката на повеќе национални стратегии, работел на проекти за јакнење на институциите и бил универзитетски предавач и долгогодишен колумнист.

Ѓоко Велковски е избран за министер за социјална политика, демографија и млади. Тој досега беше заменик-министер во истиот ресор, а претходно ја извршуваше и функцијата министер за труд и социјална политика во техничката влада. Велковски е дипломиран економист со долгогодишно искуство во државната администрација и локалната самоуправа.

Министерството за правда ќе го раководи Јетон Шасивари, универзитетски професор и доктор по уставно и управно право. Тој е редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, член на Венецијанската комисија како заменик-претставник на државата и предавач во Академијата за судии и јавни обвинители.

Иван Стоилковиќ е избран за министер за локална самоуправа, откако досега ја извршуваше функцијата вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Зад себе има повеќе од две децении парламентарно искуство и е дипломиран правник со дополнителни обуки од областа на безбедноста и стратешките комуникации.

За нов министер за односи меѓу заедниците е избран Агон Ферати. Тој е магистер по бизнис администрација и долгогодишен советник за управување со европски проекти во Општина Тетово, со искуство и како експерт за европските интеграции.

Министерството за култура и туризам ќе го предводи Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Тој има долгогодишно искуство во јавната администрација и приватниот сектор, а високо образование стекнал на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, Турција.

За министер без ресор е избран Ерџан Демир, кој претходно беше национален координатор за креирање и следење на национални стратегии и политики за немнозинските заедници. Тој е дипломиран економист со повеќегодишно искуство во јавниот сектор, невладиниот сектор и приватните компании.

Со изборот на новите министри, Собранието официјално ја заврши реконструкцијата на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.