Родители на загинати во „Пулс“: Новиот државен обвинител да го преиспита целиот предмет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Родителите на жртви од пожарот во „Пулс“ денеска го одржаа 34. по ред „Марш за ангелите“, протестувајќи против, како што велат, недоволната транспарентност и ефективност на истрагата. Маршот, кој започна од „Паркот на Револуцијата“ и се движеше кон зградата на Судот и Обвинителството, беше придружен со пораки за проширување на истрагата и утврдување индивидуална одговорност, пренесува „360 степени“.

Родители побараа јавни образложенија од надлежните за тоа зошто одредени лица сè уште не се опфатени со постапката. Александар Наунов, татко на починато девојче во „Пулс“, истакна дека постојат лица кои се основано сомнителни, но ниту се осомничени, ниту се предмет на видлива истрага.

„Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња, приказни и семејства што ќе ги чекаат засекогаш. Овој марш е порака дека сме тука, дека паметиме и нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца“, рече Наунов пред полициската станица во Кочани.

Верица Трифунова, мајка на почината Моника Спасова, коментираше и за оставката на поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, нагласувајќи дека таа доаѓа предоцна и без храброст да се отвори предметот од самиот ден на трагедијата. Според неа, постапката се насочувала кон лица осомничени уште од 2024 година, додека вистинските носители на одговорност останале заштитени.

Таа упати и јасна порака до новиот државен обвинител:

„Да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчал и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за смртта на нашите деца“, истакна Трифунова.

Извор: 360 степени