Рускоска децидна дека Катица примала пари – „Не земав пари, не сум виновна, Камчев не беше привелигиран“, вели Јанева

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Злоупотребата на службената положба на Катица Јанева обвинителството ја докажува со наводна снимка на која се гледаат 50.000 евра како стојат на маса во домот на Катица Јанева, а која пак ја снимал Бојан Јовановски.

„Факт е дека поранешната колешка примила пари 50.000 евра од Бојан Јовановски, што е апсолутно недозволиво за било кој обвинител. Не смее да прими подарок мислам над 50 евра. Воопшто не е битно дали тие потекнуваат од брачната двојка Камчеви или од друго лице. Таа примила пари што е недозволиво. Убаво се гледа на пачката од банката и износот“, посочи Вилма Рускоска.

За одбраната и самата Катица Јанева ова е искреиран и конструиран настан, додаваат дека обвинителството нема никакви докази и очекуваат само ослободителна пресуда.

„По однос на пачката, прво по однос на фотографијата апсолутно не постои никаков доказ како е направена, дали е тоа валидна, дали нешто не е монтирано, апсолутно не знаеме што има на масата, дали се тоа пари , се знае како се оценува дали нешто е пари , по пат на вештачење и искрено да ви кажам не знам како ги преброи јавниот обвинител тие пари“, истакна Ирена Фрчкоска.

За Катица Јанева е апсурдно што таа девет месеци е во притвор, а Кичеец кој е веќе осуден првостепно се наоѓа на слобода.

„Оваа постапка е монтирана, не само против мене, туку и против целото СЈО. Одговорно тврдам дека никогаш не сум понудила на Камчев олеснување на положбата во било кој предмет на СЈО. Милевски излезе од притвор на слобода и тоа не се смета за злоупотреба во овој случај, а јас без никакви докази веќе девет месеци со во притвор“, истакна Катица Јанева.

Јанева за прв пат во судница проговори и за пријателството со сега првообвинетиот Бојан Јовановски. Рече дека никогаш не разговарале за предметите на СЈО, туку теми на разговор им биле мода, домашни миленици и семејството.

Екс-специјалната обвинителка потенцираше дека таа ќе биде првата и последна личност која обвинила функционер, па ги запраша присутните во судницата доколку за тоа треба да одговара и ако така дошла правдата во Македонија ќе го стори и тоа.

Боки 13 најави политичка кариера и побара од судот да се обраќа до јавноста преку писмо од судот, а полемизирајќи со обвинителката Вилма Рускоска рече дека тој е следниот лидер на вистинска европска Македонија, надминувајќи го и претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито.