Долгоочекувaното и пред се за денеска најавено доставување до Собранието на предлогот кој да биде нов Гувернер на Народната банка, не се случи. Од кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова велат дека по вчерашните засебни едночасовни консултации со тројцата најсериозни кандидати за функцијата, актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, Зоран Ставревски и Трајко Славески, потребно е дополнително време за да се донесе заклучок и да се утврди кој е најдобро решение за оваа исклучително одговорна функција. Премиерот Христијан Мицкоски најави средба со Претседателката.
„Јас добив информација од Претседателката дека оваа недела ќе биде испратен предлогот во рамките на Собранието. Знам дека имаше одредени консултации во текот на викендот Претседателката. Претпоставувам дека деновиве ќе треба уште еднашка да се видиме, да поразговараме и потоа сум сигурен дека до крајот на неделата или во рамките на оваа недела, сега точно би требало од Кабинетот на Претседателката кога ќе биде испратен предлогот за нов Гувернер“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Изборот на нов Гувернер го врши Собранието со 61 пратеник кои би гласале за предлогот. Но, до утре, 20 мај и да не се избере нов Гувернер, кога на актуелнава гувернерка Бежоска и истекува мандатот, оваа институција која е надлежна за контрола цените, на инфлацијата, но и на стабилноста и фиксниот курс на денарот, нема да биде обезглавена.
„Видете, согласно, постојната законска регулатива, односно, член 55 од Законот, токму ова прашање е регулирано за да нема дисконтинуитет при извршувањето на ваква значајна јавна функција“, изјави Анита Ангеловска Бежоска, гувернерка на НБМ.

Ова значи дека Бежоска ќе биде гувернер со сите овластувања за носење одлуки се додека не се избере нејзин наследник или не биде реизбрана на функцијата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во ова одолговлекување гледа несогласување на релација Претседателка – Премиер. Истакна дека од предлозите, ќе зависи дали и СДСМ ќе гласа за нов Гувернер.
„Треба да видиме кои ќе бидат предлозите за да разговараме. Официјално немаме апсолутно никаква информација. Тоа што се одолговлекува и тоа што нема никаков до сега излезено предлог во јавноста се само за мене знак дека има сериозен партиски притисок од страна на ВМРО ДПМНЕ во селекцијата на предлозите за Гувернер на народната Банка“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Најсериозни кандидати за нов или стар гувернер се актуелната Гувернерка, но и поранешните министри за финансии од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Зоран Ставревски и Трајко Славески, кој е актуелен претседавач со Советот на Град Скопје. Според информациите, фаворите на владејачката партија е Ставревски, но по одолговлекувањето на постапкава во јавноста се остави можност и за потполно нов предлог. Освен овие тројца, се споменуваа уште поранешната вицегувернерка Маја Кадиевска Војновиќ и универзитетскиот професор Борче Треновски.
