Сите апликации за имигрантски визи во САД се суспендирани од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, додека Стејт департментот презема чекори за дополнително заострување на условите и ограничување на пристапот за апликантите за кои властите проценуваат дека би можеле да зависат од американската државна помош.
Ова во вторникот го потврдил претставник на Стејт департментот, кој навел дека иницијативата започнала во сите американски амбасади и конзулати на почетокот на август.
Според извештај на „Фајненшл тајмс“, на апликантите кои веќе имале закажано интервјуа им биле испратени електронски пораки со известување дека нивните термини се откажани. Тие треба дополнително да бидат информирани за нов датум и време.
Американските власти тврдат дека со мерката сакаат да се осигурат дека лицата кои добиваат визи нема да завршат како корисници на јавни средства и бенефиции во САД.
Мерката е дел од пошироката политика на администрацијата на Трамп насочена кон заострување на правилата за имиграција, како за легалната, така и за нерегуларната имиграција, и воведување поселектиран процес за тоа кој може да влезе и да остане во американскиот систем.
Администрацијата оваа недела најавила и планови за одземање на визите на баратели на азил кои претходно влегле во САД со туристички или деловни визи. Со оваа мерка би можеле да бидат опфатени до 200.000 лица кои во моментов бараат азил.
Доколку биде спроведена, мерката би претставувала најмасовно одземање визи во историјата на САД. Акцијата се презема во координација со Министерството за внатрешна безбедност.
Во меѓувреме, под администрацијата на Трамп, апликантите за визи се соочуваат и со дополнителни ограничувања, меѓу кои проверка на нивната активност на социјалните мрежи и дополнителни трошоци за обработка на апликациите, објави „Асошиејтед прес“.
