Само неколку часа откако Доналд Трамп изјави дека неговата национална служба за разузнавање погрешила со проценките дека Иран не развива нуклеарно оружје, САД бомбардираше три нуклеарни постројки. Нападнати се Натанз, Исфахан и Фордо каде се работело на збогатување на ураниум. Во нападот користени се авионите Б-2 Спирит, способни да упаднат во софистицирана воздушна одбрана и да извршат прецизни напади врз зацврстени цели како што е закопаната мрежа на нуклеарни истражувачки објекти на Иран.
Откако ја прогласи воената операција за многу успешна и соопшти дека сите авиони кои учествувале во нападот безбедно се вратиле, Трамп му се закани на Иран со нови напади, доколку не склучи мир.
-Иран, насилникот на Блискиот Исток, сега мора да склучи мир. Ако не го сторат тоа, идните напади ќе бидат многу поголеми и многу полесни, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Израелскиот премиер, во обраќање до јавноста, му се заблагодари на Трамп и рече дека ветувањето е исполнето.
-Се сеќавате дека од почетокот на операцијата ви ветив дека нуклеарните постројки на Иран ќе бидат уништени, на еден или друг начин. Тоа ветување e одржано, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Според иранските власти, резервите на збогатен ураниум претходно биле преместени од нуклеарните центри и таму не останале никакви суровини кои, во случај на напад, би можеле да предизвикаат зрачење. Иранското нуклеарно надзорно тело објави дека нема траги од контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите на околните области. Воедно соопштија нуклеарната централа Фордо не претрпела значителна штета. Иран воедно вети дека ќе се брани со сите расположливи средства.
-Нема црвена линија што не ја преминале . А последната и најопасната беше премината синоќа. Тие (САД) преминаа една голема црвена линија со напаѓање на нуклеарни објекти, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
На нападот на САД, претходеше воена операција на Израел во која беа уништени неколку ирански авиони, но и системи за противвоздушна одбрана.
Иран возврати со нов бран ракетни напади врз израелска територија. Погодени се Хаифа и Тел Авив. Израелските власти јавуваат дека има повредени.
Во меѓувреме, неколку членови на американскиот Конгрес и демократи и републиканци ја доведоа во прашање законитоста на потегот на американскиот претседател за напад врз Иран, бидејќи одлуката ја донел без консултација и согласност на Конгресот.
