САД ја известија Русија дека нема повторно да се приклучат на Договорот за отворено небо – од Русија велат: Политичка грешка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

САД синоќа ја известиле Русија дека нема повторно да се приклучат на Договорот за отворено небо, што дозволува летови за набљудување со употреба на невооружени авиони над земјите-членки, изјави неименуван американски официјален претставник.

Таа одлука ја пренела заменик американскиот државен секретар Венси Шерман на рускиот колега Сергеј Рјабков, изјави неименуван функционер, додавајќи дека биле информирани американските сојузници во НАТО и другите партнери.

Одлуката на САД да не се вратат на договорот, од кој државата се повлече за време на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, значи дека ќе остане на сила само еден голем договор за контрола на оружјето меѓу двете нуклеарни сили – Новиот СТАРТ.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денес изјави дека Русија е разочарана од оваа одлика на САД, иако таквиот потег бил очекуван.

„САД направија уште една политичка грешка, нанесувајќи му нов удар на европскиот безбедносен систем. Ние секако не сме задоволни од тоа. Разочарувачки е што САД пропуштија уште една шанса да дадат позитивен придонес во задачата за зајакнување на безбедноста во Европа“, нагласи Рјабков, пренесоа руските медиуми.