Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во првите два дена од нападите врз Иран потрошила муниција во вредност од 5,6 милијарди долари, се наведува во извештајот доставен до комитетите на американскиот Конгрес, изјави денес извор запознаен со информациите.
Членовите на Конгресот, кои наскоро би можеле да одлучуваат за дополнително финансирање на војната, изразиле загриженост дека конфликтот ќе ги исцрпи американските воени резерви во време кога одбранбената индустрија веќе се бори да ја задоволи побарувачката.
Трамп во петок се сретна со челниците на седум одбранбени компании додека Пентагон работи на обновување на резервите.
Трошоци од конфликтот
Администрацијата не дала јавна проценка на трошоците за конфликтот кој го започна на 28 февруари заедно со сојузникот Израел.
Членовите на Конгресот побарале повеќе информации, вклучувајќи јавни сведоштва од официјални лица за прашања како тоа како конфликтот би можел да влијае на подготвеноста на американската војска за одбрана на земјата.
Неколку помошници на конгресмени изјавиле дека очекуваат Белата куќа наскоро да поднесе барање до Конгресот за дополнително финансирање на војната.
Некои официјални лица рекле дека барањето би можело да изнесува 50 милијарди долари, но други истакнале дека таа проценка изгледа ниска.
