САД со помош од 10,3 милиони долари за Македонија, поддршка за развој на демократско општество и конкурентна економија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија ќе добие дополнителни 10,3 милиони долари како поддршка од САД за развој на демократско општество и конкурентна економија. Договорот денеска го потпишаа министерот за финансии, директорката на УСАИД во Македонија, во присуство на амбасадорката на САД во земјава. Министерот за финансии вели дека поддршката што земјава ја добива од САД во овој кризен период од руско-украинскиот конфликт е од големо значење.

-Денеска го потпишуваме амандманот од Договорот за поддршка на Северна Македонија во вредност од 10,3 милиони долари. Ова е дел од поддршката од 56,6 милиони долари во рамките на овој договор. Приоритет на овој договор за следните 5 години е поддршка на економијата. Втор приоритет е поддршката на младите во домашната економија, а трет приоритет е борбата против корупцијата. Со ова ја зајакнуваме соработката меѓу САД и Северна Македонија-рече Бесими.

Од УСАИД велат дека во континуитет го поддржуваат остварувањето на целите во државата. Денешниот договор е во три клучни области.

-УСАИД досега има испорачано дополнителни 10,3 милиони долари, со што вкупниот износ на договорот изнесува 22,12 милиони американски долари. Тоа покажува дека УСАИД има континуирана поддршка за остварување на целите во државата. Договорите за развој на партнерството се во 3 клучни области и тоа: поголем економски раст преку подобрена конкурентност, намалување на пречките за евроатлантските пазари и енергетска безбедност-изјави Џери Дајбл, директорка на УСАИД.

Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз, изјави дека од независноста на Македонија, УСАИД ја поддржува целта – Македонија да стане демократска земја.

-Овој грант дефинитивно ќе помогне да се зајакнат напорите на Македонија во обликување на иднината на целиот Западен Балкан. Уште од независноста на Северна Македонија, УСАИД ја поддржува вашата цел да станете демократска земја која се заснова на владеење на правото и еднакви можности за сите граѓани-рече Кејт Мери Брнз.

Амбасадорката на САД во Македонија меѓу другото истакна дека двете страни се залагаат да работат заеднички и да спроведуваат иницијативи во интерес на Македонија.