Опозициската СДСМ ја обвини Владата дека ги држи граѓаните во заложништво со политики против европската интеграција, под изговор дека Европа го загрозува македонскиот идентитет. Власта вели дека нема пари за референдум, но има за криминални тендери, изјави портпаролката на социјалдемократите, повторувајќи го барањето за референдум на кој граѓаните самите ќе одлучат за иднината на државата.
„Граѓаните самите треба да одлучат дали се подготвени тие, нивните семејства и нивните деца да ја плаќаат цената на погрешните политики на Мицкоски. Ние не сакаме да плаќаме цена. Ние сакаме европска иднина. Распишете референдум! Граѓаните нека одлучат!“, порача Богданка Кузеска.
Ова барање на СДСМ доаѓа откако пред неколку дена премиерот Мицкоски изјави дека повеќе нема простор за идентитетски отстапки, без разлика на цената на евроинтегративниот пат. Од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да го обвинуваат Филипче дека е подготвен да направи уставни измени, а потоа и редефинирање на историјата и идентитетот, сè во интерес на Бугарија.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи бугаризација на историските личности кои го создале, го описмениле регионот и се бореле за создавање на македонската држава. Македонија има своја историја, свој идентитет и свој македонски јазик. Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нема да дозволиме газење на нашето достоинство“, вели Валентин Манасиевски.
Инаку, одговарајќи на барањето на опозицијата за референдум, од Владата изјавија дека не треба да се трошат време и парите на граѓаните и дека отворањето на фондовите од Реформската агенда и ориентацијата кон ЕУ јасно го покажуваат европскиот пат на државата.
