Со одлука на Извршниот одбор на партијата, СДСМ го исклучи Петре Шилегов. Претседателот на социјалдемократите, Венко Филипче, вели дека одлуката е донесена со консензус и никој не гласал против, бидејќи според него, заклучиле дека Шилегов се обидувал да ја подели СДСМ и работел во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сигурно ги имате тие анкети, ВМРО-ДПМНЕ никогаш немало таков пад, а ние имаме раст. Единствено што можат да направат е да ја поделат партијата одвнатре и така да не потиснат за да можат да владеат како што сакаат. Ние нема да го дозволиме тоа. Такво делување се случи во 2021, во 2024 со националистичка и лажна кампања, а во 2025 самиот Шилегов рече дека не работел за СДСМ.“, рече Венко Филипче.
За Петре Шилегов, иницијативата за негово исклучување од СДСМ е покрената во спротивност со Статутот на партијата. Тој го повика претседателот на СДСМ да дојде во Општинската организација на партијата во Карпош и таму, заедно со членството, да дискутира за неговото исклучување, но и, како што додаде, за разрешување на Филипче. Покрај тоа, Шилегов тврди дека актуелното раководство на партијата работи за ВМРО-ДПМНЕ.
„Реков дека е јасно дека постои договор кој предвидува СДСМ да остане во сегашната состојба, постојано да ги губи темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да освои два мандати, со услов да не биде подложно на истраги и можни кривични постапки.“, изјави Шилегов.
Филипче исто така беше прашан дали лично соработува со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа го негираше. Инаку, Шилегов досега во СДСМ ја имаше функцијата потпретседател на партијата, а бил и градоначалник на Скопје како кандидат од редовите на социјалдемократите.
