СДСМ го прозва нивниот градоначалник и бара референдум – референдум може во секое време, оти СДСМ е на власт во општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Социјалдемократскиот сојуз со „катиљ ферман“ за нивниот градоначалник на Крива Паланка, Сашко Митовски. Во соопштението објавено утрово, од партијата го обвинуваат за тесна соработка со премиерот Христијан Мицкоски околу отворањето рудник за антимон на територијата на општината. Освен ова, во соопштението, предупредија на можни здравствени последици по населението ако се отвори рудникот. Од СДСМ бараат градоначалникот итно да распише референдум.

„Градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер. Градоначалниче – референдум!“, велат од СДСМ.

Градоначалникот на Крива Паланка вели дека е за одржување референдум во општината, но смета дека пред неговото спроведување граѓаните треба детално да бидат информирани за референдумското прашање и што точно ќе значи ваквото изјаснување.

„Пред да се организира референдумот, потребно е суштински да се отвори самото референдумско изјастување, односно клучното прашање и греѓаните целосно, транспарентно да бидат информирани по однос на технологијата, начинот на производство и сето она што е битно за да донесат правилна одлога. Сметам дека формалното изјастување за или против отварање на референдум, нема да го даде вистинскиот, односно правиот одговор на самото референдумско изјастување.“, вели Сашко Митовски.

Инаку, постојат два начина за организирање референдум на општинско ниво. Првиот е доколку најмалку 20 отсто од избирачите во општината побараат вакво изјаснување, по што Советот има обврска да го распише. Втората опција е предлог од минимум еден советник, по кој Советот треба да гласа за оваа точка и доколку мнозинството ја прифати, се распишува референдум.

Во Крива Паланка Советот има 15 члена од кои осум и претседавачот се од СДСМ, додека седум се од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот пак вели дека тој не е против отворање рудник, посочувајќи дека рударството е една од дејностите што традиционално се карактеристични за овој регион и дека е неминовно потребна ваква инвестиција.

„Не постои можност за развој на другата таква индустија освен рударството како основна дејност и гранка која што можеме да ја гледаме како економска активност, но од друга страна и како придобивка и кон градот, и кон општината, но и кон локалната заедница.“, изјави Митовски.

Во процедурата за отворање рудник, решаваат и Владата, но и општината. Централната власт дава концесија, преку исполнување сложени услови, а општината има свои надлежности со кои може да влијае дали ќе се отвори рудник или не.

Градоначалникот Митовски, смета дека во ваква поларизирана атмосфера тешко се носат рационални одлуки засновани на реални податоци.

Искуствата од развиените земји покажуваат дека со примена на современи технологии, строги еколошки стандарди и законски процедури, експлоатацијата може да се одвива без значајни последици по животната средина – но само доколку се исполнат сите предуслови.