Власта и опозицијата и денеска не пропуштија да се критикуваат меѓусебе но секој со своја тема го напаѓаше противниот табор. Од владејачката СДСМ повторно ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за најавата дека би можеле да коалицираат со Левица. Мицкоски ги сруши сите лажни маски на ДПМНЕ и ја призна желбата за коалиција со нив, дали ќе се поклони на диктаторот Енвер Хоџа како што тоа го направи Апасиев праша Дарко Каевски од СДСМ.
„Бадијала се сите соопштенија на ДПМНЕ, изјавата на Мицкоски ги потопи сите. Останаа неодговорени прашањата за кои вредности е спремен Мицкоски за дилот со Левица. Дали се тоа вредностите на Левица против НАТО или против ЕУ, или вредностите на диктаторот Енвер Хоџа ќе ги преговара Мицкоски на маса со Левица? Ќе оди ли Мицкоски следната година да му се поклони на диктаторот Енвер Хоџа како што тоа го направи Апасиев?“, вели Дарко Каевски.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ барањето што го отворија за укинување на техничката Влада е темата за која тие ги напаѓаат социјалдемократите. Бараат СДСМ да се охрабри и на избори да оди без техничка Влада и технички премиер од ДУИ.
„За време на техничката Влада освен нефункционални институции граѓаните не добиваат ништо друго. ДУИ најкриминализирана структура во државата. Нема функционер од таа партија кој не е вклучен во корупција. Срамота за државата е техничкиот премиер да дојде од нивните редови. Во Македонија може да има избори без техничка Влада и без технички премиер од ДУИ. СДС треба само да се охрабри и да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
За барањето да нема техничка Влада вчера зборуваше и потпретседателот на ДУИ Бујар Османи кој рече дека техничка Влада ќе има и ќе се спроведе договорот со коалицискиот партнер СДСМ за премиер Албанец во 100-те дена пред изборите. Тој рече дека за евентуално укинување на техничката Влада може да се размислува за следните избори. Инаку се очекува на почетокот на идниот месец да биде закажана средба на партиите во кои точно ќе се дефинира датумот на изборите, по што треба да се одреди и точниот датум од кога ќе биде избрана Пржинската влада.
