Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски се надева дека во новата година ќе има крупни чекори за отворање на преговарачките поглавја со Европската Унија. Тој ова го сподели на работниот појадок со амбасадорите од земјите-членки. Муцунски нагласи дека се потребни искрени заложби од двете страни, зашто нашиот пат напред бил условен со билатерални прашања. Тој ги повика присутните на геополитичка одговорност за земјите-кандидатки.
„Направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во Европската Унија. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја и изнаоѓање на рационални решенија“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Во обраќањето Муцунски не ги спомена уставните измени туку се задржа на реформите, а се пофали и дека државата го почитува она што е договорено.
„Останавме доследни на исполнување на сите претходно преземени меѓународни обврски, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија“, изјави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Евроамбасадорот Михалис Рокас информира дека земјава ќе ја посетат еврокомесарката за проширување Марта Кос и високата претставничка за надворешна политика Каја Калас.
„Ќе бидеме во можност да ги продолжиме дискусиите кои ги започнавте. Пораките кои ги добивам се охрабрувачки, има многу разбирање и многу заедничка волја да се отстранат проблемите пред нас“, изјави шефот на мисијата за ЕУ, Михалис Рокас.
Рокас се надева дека годинава ќе има исчекор во пристапниот процес и нагласи дека новото раководство на Унијата дава нова енергија на проширувањето.
