Се огласија САД по упадот на руски дронови – Мелони со поддршка за Полска, фон дер Лајен најавува нов одбранбен план

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Соединетите Американски Држави ветија целосна поддршка за НАТО по синоќешниот упад на руски дронови во полскиот воздушен простор – прв ваков случај од почетокот на војната во Украина.

Американскиот амбасадор при НАТО, Метју Витакер, изјави дека Вашингтон ќе брани „секоја педа од територијата на НАТО“, нагласувајќи дека Белата куќа е во постојана координација со Полска и сојузниците.

Инцидентот во Полска

Полска пријави најмалку 19 повреди на воздушниот простор, од кои дел од дроновите биле соборени со помош на полски борбени авиони и поддршка од воздухопловните сили на Холандија, Италија и Германија. Премиерот Доналд Туск го оцени нападот како „чин на агресија“ и активираше Член 4 од НАТО за итни консултации.

Москва ги негираше обвинувањата и тврдеше дека нема докази дека станува збор за руски дронови, додека Кремљ одби дополнително да го коментира случајот.

Европска поддршка

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази „целосна солидарност со Полска“, нарекувајќи го упадот „сериозно и неприфатливо кршење на воздушниот простор и правилата на НАТО“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика членките на ЕУ да ја зајакнат поддршката за државите на источниот фронт – од Балтичкото до Црното Море – истакнувајќи дека тие ја гарантираат безбедноста на цела Европа. Таа најави и инвестиции во „ѕид од дронови“ за постојан надзор на границите и развој на европски капацитети за надзор во реално време.

„Истоочниот штит“ и идни чекори

Полска и балтичките земји одамна бараат финансиска поддршка од Брисел за одбрана на своите граници. Варшава лани го покрена проектот „Истоочен штит“ за засилување на одбраната од Русија и Белорусија, додека Литванија е меѓу водечките промотори на „ѕидот од дронови“.

Фон дер Лајен најави дека Европската унија ќе влезе и во „Сојузот на дронови“ со Украина, обезбедувајќи 6 милијарди евра преку програмата ЕРА под водство на Г7. Во октомври таа ќе го претстави новиот европски одбранбен план, кој ќе содржи и воведување на „Европски семестар за одбрана“ за следење на напредокот на членките во развојот на воените капацитети.

Западните сојузници предупредуваат дека последниот инцидент во Полска е јасен сигнал дека Москва ја тестира одбраната на НАТО.