Европската радиодифузна унија (ЕБУ) размислува дали да ја дисквалификува израелската песна „Октомвриски дожд“ за Евровизија бидејќи содржи политичка порака, објавија денеска израелските медиуми, повикувајќи се на европски извори.
Песната испеана од пејачот Еден Голан требаше да се емитува минатата недела, но емитувањето беше одложено уште неколку дена.
Израелските медиуми јавуваат дека причина за доцнењето е барањето на ЕБУ однапред да се разгледа и одобри текстот на песната, за да се осигура дека таа нема политички пораки.
Извори на кои се повикува израелскиот информативен сајт Ynet наведуваат дека барањето не е невообичаено за Израел и дека одредбата за забрана на политички пораки е дел од прописите на Евровизија веќе неколку години.
Откако ЕБУ ја сигнализираше својата намера да ја дисквалификува песната, Израелската радиодифузна корпорација одлучи да не ги менува зборовите, дури и ако тоа значи дека Израел нема да учествува на Изборот за песна на Евровизија оваа година.
Израелската корпорација по објавувањето на веста соопшти дека моментално „разговара со ЕБУ за песната“.
ЕБУ засега не коментира ништо.
Израелските медиуми јавуваат дека песната алудира на нападите на Хамас во јужен Израел на 7 октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а повеќе од 250 заложници беа одведени во Појасот Газа.
Повеќе од 29.000 луѓе, главно жени и деца, загинаа во израелските напади врз Газа како одмазда.
Некои активисти повикаа на Израел да му се забрани учеството на натпреварот поради војната во Газа, но ЕБУ верува дека на земјата треба да и се дозволи да учествува.