Шест дена по лидерската средба на најголемите македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односите меѓу лидерите се чинат подалечни отколку на заедничката прес конференција по средбата.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара премиерот Димитар Ковачевски да одлучи кој од условите го прифаќа, за да продолжат разговорите за уставните измени.
Сепак, Ковачевски не дава јасен одговор за една од опциите. За него најважно, како што вели, е што ВМРО-ДПМНЕ веќе не е против уставни измени. Ковачевски вели дека ги прифатил барањата што произлегле од средбата со Мицкоски, но не му се допаѓа што тие се модифицирани.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш со против одговор до Ковачевски за кого велат дека лаже. Од оваа партија негираат дека го смениле ставот и велат дека нема да има промена на Уставот и внесување на дел од бугарскиот народ во преамбулата според бугарски диктат.
Ако се пропушти оваа шанса, станува јасно дека процесот е целосно блокиран, по што единствено решение ќе бидат избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за ДВ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе му дадат уште неколку дена на Ковачевски за да одлучи, додека Ковачевски изјави дека во средата се договориле и дека сега треба да се спроведе договорот.
