Се зголемува бројот на пациенти со ретки болести, апел за донирање органи – десетици пациенти чекаат трансплантација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Соња Столеска е лице кое живее со донирано срце, а нејзиниот апел е луѓето да бидат посвесни дека дарувањето органи од член на семејството кој повеќе не е жив може да спаси животи.

„Се разболев во 1998 година и кога имав 33 години, една и пол година се лекував во Македонија, а потоа заминав во Белград, бидејќи само таму ме прифатија, затоа што другите држави не нè прифаќаа нас од Македонија, бидејќи не бевме ниту донатори, ниту ткиводарители. 18 месеци чекав во Белград, со 89 абдоминални пункции, 37 пункции и над 1.000 албумини. Се чека многу тешко, но потоа се живее многу добро и затоа апелирам свеста за дарување органи да се подигне на највисоко можно ниво“, вели Соња Столеска.

Од десет до петнаесет пациенти се со механичка поддршка на срцето, а има и лица со срцеви проблеми кои не можат да го обезбедат овој апарат и чекаат донатор на срце.

Најмладата пациентка која чека трансплантација на срце има 26 години. Други пациенти кои чекаат со години се на возраст од 26 до 43 години.

„Досега во Македонија не е извршена трансплантација кај пациенти со механичка поддршка на срцето. Извршена е трансплантација од заболено срце на здраво, меѓутоа сметаме дека е време да започне трансплантација и кај овие пациенти, бидејќи има пациенти кои чекаат и по 7 години на листата за трансплантација. Ова се случува поради недостиг на донатори“, вели Лена Радева Најдеска.

Професор доктор Сашо Дохчев вели дека е жално што над 100 пациенти чекаат на донирање бубрег.

„88 е мал број, бидејќи на листата на чекање има над 100 пациенти. За бубрег е навистина жално толку многу луѓе да чекаат за да добијат орган. За две недели, за 10 дена имаме термини за трансплантација“, вели д-р Сашо Дохчев.

Неофицијалниот регистар во Македонија евидентира над 408 дијагнози на ретки болести.