„Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави“, вели Спасовски за изјавата на Пендаровски за важност на пасошите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски дека Владата е таа која треба да побара пролонгирање на рокот за патните исправи, и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се јави со свој став.

Тој во изјава за ТВ21 порача дека сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави.

„Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Прво да кажам дека роковите не се утврдуваат на Влада, роковите се утврдуваат со закон. Второ самиот факт кој го изнесе и претседателот дека имаме потреба да се промени законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така затоа што законот никогаш не бил сменет за да може да се продолжува рокот“, вели Спасовски и додава дека не треба да се биде под наплив на емоции.