Шефот на Интерпол ја посети Полициската академија – се оценува меѓународната полициска соработка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со генералниот секретар на Интерпол, Валдеци Уркиза, за време на официјалната посета на Македонија ја посетија Полициската академија во Идризово, каде што им се обратија на кадетите и на претставниците на институцијата.

Уркиза истакна дека Полициската академија, од ноември 2025 година, е дел од Глобалната академска мрежа на Интерпол, во која се вклучени само 28 полициски институции во светот, оценувајќи го ова како признание за професионалните капацитети на Министерството за внатрешни работи.

„Ќе се соочите со различни јазици, различни правни системи и различни начини на работа. Убеден сум дека во овие околности ќе го запознаете Интерпол како подготвен и доверлив партнер во вашата борба. Од соработката што ја видов на вашата граница со Албанија, како и од заедничките активности со српските власти, гледам дека Северна Македонија сериозно пристапува кон меѓународната полициска соработка. Токму ова го прави Интерпол сè поважен во современата борба против организираниот криминал.“, вели Валдеци Уркиза, генерален секретар на Интерпол.

Помошник-министерот во Полициската академија, Влатко Митковски, истакна дека Академијата останува посветена на развојот на модерен образовен систем кој ги следи највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики во полициската професија.

„Полициската академија има јасна определба за унапредување на меѓународната соработка со Интерпол и неговата академија преку размена на знаења, заеднички обуки, експертска соработка и развој на современи наставни програми.“, вели Влатко Митковски, помошник-министер во Полициската академија.

За време на посетата на генералниот секретар на Интерпол беа презентирани капацитетите на Полициската академија, програмите за обука и мерките за модернизација на подготовката на полициските службеници според европските и меѓународните стандарди.