Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисија на КФОР истакна дека пред нас можеме да видиме 44 припадници на Армијата кои рамо до рамо, ќе го покажат сето она кое го знаат пред своите колеги од Сојузничките земји во мисијата на КФОР во Косово.
„Припадниците на нашата армија не се ниту нови, ниту непознати во меѓународните мисии, но она по што е навистина поинаква оваа мисија и оваа прва ротација е фактот што за нас ова е прва мисија како членка на НАТО Алијансата. Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот и наша обврска е да вложиме во стабилноста на нашиот регион, да дадеме придонест за регионалната стабилност, да помогнеме Балканот да биде помирно, подобро и попросперитетно место за живеење“, вели Шеќеринска.
Таа вели дека покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места, а од сега ќе го покажеме вистинско место и во регионот.
„Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го пувствуваме и како голема одговорност. Пред помалку од 20 години нашата татковина ја искористи шансата да има мисија на НАТО за да си ја врати својата безбедност и стабилност, денеска ние покажуваме дека како членка на НАТО можеме да помогнеме тоа да се случи и кај нашите соседи, и тоа покажува колку поминавме заедно, со колку проблеми се изборивме и колку созреавме како луѓе и како држава“, посочи Шекеринска.
Таа потсети дека за нас поддршката на КФОР не е новина, односно Северна Македонија докажала дека ги споделува истите вредности како и Алијансата уште од 2007 година кога започнавме со логистичка поддршка на оваа НАТО мисија.
