Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес конференција официјално го најави почетокот на процесот за реконструкција на Универзалната сала.
„Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година Владата на Северна Македонија, парламентарното мнозинство за овој култен објект во нашиот град одвои буџетски средства од 120 милиони денари. Верувам дека сите сме согласни дека Универзална сала е и ќе биде омилена културна институција на многу скопјани, на многу деца. Тоа е местото на првиот концерт, тоа е местото на коешто сме присуствувале на нашите први културни настани и тоа ја прави оваа реконструкција повеќе од неопходна“, истакна Шилегов.
Тој додаде дека со обезбедените буџетски средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на овој објект во постојниот облик и габарит задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на посземјотрес на Скопје.
„На овој чекор се одлучивме после широката поддршка којашто јавноста ја даде за идејата да се зачува Универзалната сала во постојана форма, на постојана локација“, порача Шилегов.
На овој настан присуствуваше и министерката за култура Ирена Стефоска, која наведе дека тие како институција работат на новиот буџет за 2021 година и дека планират за следата година да започне изградбата на новата концертна сала во Скопје.
„Постојат повеќе готови проекти за изградба на нова коцертна сала. Јас сум за проектот „Јајце”, зошто да не, тоа е работен проект, подготвен. Но, исто така разгледуваме и други можности“, вели министерката Стефоска.
Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година, Владата на РСМ, парламентарнотот мнозинство за овој култен објект во Скопје, одвои средства во износ од 120 милиони денари.
Меѓу другото, министерката Стефоска, потсети дека Универзалната сала е изградена со финансиска помош од повеќе држави меѓу кој Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јемен, Сирија, Турција и многу други. Според неа, овој објект ќе остане траен симбол на меѓународната човечка солидарноста на обновата на Скопје на 26 јули 1963 година.
