Адвокатот Петре Шилегов остро го критикуваше обвинението за случајот со пожарот во кочанскиот ноќен клуб Пулс, оценувајќи го како правно несодржливо и непрофесионално подготвен документ.
Во своето обраќање пред судот, тој истакна дека целта на постапката мора да биде донесување правно одржлива пресуда што ќе обезбеди сатисфакција за оштетените, но и пресуда што нема да произведе неправда кон ниту еден од осомничените.
„Исправени сме сите заедно, судот најмногу, пред предизвикот да се донесе правно одржлива пресуда која колку-толку ќе им даде утеха на оштетените. Но таа пресуда не смее да нанесе неправда, особено не на мојот клиент Шефкет Хазари“, изјави Шилегов.
Тој нагласи дека по долго размислување сепак ќе ги прочита делата што се ставаат на товар, токму поради, како што рече, „правно поаналфабетскиот памфлет“ што го добиле како обвинителен акт.
„Со целосна почит кон обвинителството, ова обвинение не заслужува да го носи тоа име. Правно по-поаналфабетски памфлет од ова немам видено“, рече адвокатот.
Во обвинението, на Хазари му се става на товар дека бил свесен за можноста да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување, при што обвинението се повикува на член 288 од Кривичниот законик, квалификуван во член 292.
Шилегов посочи дека обвинителството треба да објасни како е можно Хазари, во периодот од 2013 до 2019 година, да се согласил со настан што ќе се случи на 16 март 2025 година.
Шилегов најави дека одбраната ќе докаже дека таквите наводи се правно и фактички неодржливи.
