Трактори, багери, автобуси, разни комбиња, автомобили , го наполнија паркингот кај салата Борис Трајковски. Градоначалникот на Скопје заедно со директорите на претпријатијата направија обиколка за да видат каков возен парк имаат на располагање јавните претпријатија.
На прашањето на ТВ21 до директорите – Каква опрема им недостасува на јавните претпријатија? – тие не сакаа да зборуваат. Само со мимики негираа дека имаат недостиг на опрема.
Но, шефот, Шилегов, го зема зборот. Рече дека ќе се залага за набавка на нова опрема за ЈП Паркови и Зеленило и Улица и Патишта.
Тој рече дека не размислува да купи ново службено возило. Вели дека Пасатот со кој се вози има 200 километри поминати.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ, за четири години претпријатијата биле набавени со над 500 автомобили и машинерии.
„Петре Шилегов кога се фали дека додека е градоначалник претпријатијата под Град Скопје набавиле 130 возила треба да знае дека толку возила се набавени во времето на ВМРО-ДПМНЕ во само едно претпријатие. Додека за сите претпријатија во целост се набавени над 500 возила и механизација, односно 4 пати повеќе од тоа што Шилегов денес се фали“, посочи Марија Митева.
Инаку, Јавните претпријатија на Град Скопје последните четири години добиле повеќе од 130 автомобили со средства од буџетот на Град Скопје.
