Денес попладне од 16:30 часот во Кавадарци и Битола ќе се одиграат двата бараж натпревари кои ќе одлучат кои екипи следната сезона ќе се натпреваруваат во Првата македонска фудбалска лига.
Најголемо внимание привлекува дуелот во Кавадарци, каде што Пелистер ќе се соочи со Шкендија Арачиново, најпријатното изненадување во Втората лига оваа сезона.
Фудбалерите од Арачиново пристигнуваат со висок морал и убави спомени од Кавадарци, каде токму пред една година го добија баражот и обезбедија пласман во повисок ранг. Денес тие ќе се обидат да испишат историја и за првпат да обезбедат место во елитното друштво на македонскиот фудбал.
Во Битола, пак, ќе се сретнат Брера и ФК Скопје. Струмичани влегуваат како фаворити во натпреварот, откако во последното коло од шампионатот убедливо го совладаа Шкупи со 6-0.
