Премиерот Димитар Ковачевски на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле му подарил македонски дрес, но за возврат од Шоле не ја добил црната листа на корумпирани политичари на која неодамна работеше американскиот тим за санкции. Во изјавата што Ковачевски ја даде по средбата со Шоле информираше дека црната листа со санкции воопшто не била спомната од високиот американски гостин но дека сепак се разговарало за корупцијата во земјава.
„Разговаравме и за борбата против корупцијата и владеењето на правото и соработката која што ја имаме постојано со Соединетите Американски Држави со цел да се унапреди владеењето на правото и да се засили борбата против корупцијата. Состанокот беше исклучително позитивен. Во делот на тимот за санкции кој што беше присутен во Скопје не разговаравме за тоа што тие го имаат работено во Скопје“, вели Димитар Ковачевски.
Ковачевски рече и дека се разговарало и за енергетската криза, европските интеграции, потребата од продолжување на реформите и донесувањето на уставните измени, но и за состојбите во правосудството и владеењето на правото. Притоа Ковачевски го информирал и за високите случаи на корупцијата што се покренати.
„Исто така разговаравме и за голем број на унапредувања кои што се направено во правосудниот систем во изминатата и изминатите години со оглед на тоа дека ние имаме направено позитивни работи кои што се однесуваат на зголемувањето на независноста на во зголемувањето на перформансите во борбата против криминалот и корупцијата и тоа особено на високо ниво со оглед на тоа дека постојат голем број на случаи на корупција на високо ниво кои што се адресирани од страна на правосудните органи“, додава Димитар Ковачевски.
Во однос на црната листа на санкции поставивме прашање и до Американската амбасада за тоа дали Шоле ја доставил листата во самата амбасада, но одговор не добивме. Инаку Македонијата е првата дестинација на високиот американски советник по што замина за Косово, а утре продолжува во Белград. Посетата на Шоле кој е непосреден советник на државниот секретар Ентони Блинкен, доаѓа во време кога се засилува влијанието на Соединетите Американски Држави во насока на ефикасно справување со корупцијата во земјава.
