Правниот експерт Мерсим Максути, ја објаснува моменталната состојба во Северна Македонија. Како што вели, од моментот на прогласување вонредна состојба, важат новите правила и надлежностите од Собранието преминуваат кај Владата. Максути вели дека власта е во рацете на Владата и дека согласно потребата може да донесе нови и да ги измени постоечките закони.
-Владата добива право да носи уредби по сила на закон. Ова значи дека ќе бидат носени уредби кои ќе ја имаат законска сила. Од сега па натаму, Владата не само што ќе има право да носи уредби за нови правила согласно состојбата со која се соочува, дури во вонредна состојба ќе има право да промени или да дополни некој закон кој се коси со состојбата за справување со пандемијата-рече Максути.
Експертот Максути вели дека ќе има ограничување во движењето на луѓето, но дека за тоа ќе одлучи Владата согласно состојбата со пандемијата која владее во земјава
-Не сакам да ширам паника, бидејќи Владата со носење на овие акти, со ограничување на слободното движење на граѓаните, ќе постапи согласно состојбата во која е. Мислам дека нема да биде драстично, особено на почеток. Треба да се внимава на спроведувањето на ограничувањето на слободното движење на граѓаните-вели Максути.
Со ова, Владата ќе има одврзани раце за правно да постапува и да ги презема сите потребни перки за справување со ситуацијата.
-Би сакал да ја разјаснам оваа ситуација, бидејќи ние немаме закон за вонредна состојба. Во состојба кога немаме закон за вонредна состојба, Владата уште повеќе има одврзани раце, бидејќи нема ограничувања-изјави Максути.
Максути исто така рече дека Владата може да носи уредби за користење средства од Буџетот за здравствени или економски потреби, зависно од штетите и состојбата со коронавирусот. Согласно Членот 125 од Уставот, вонредна состојба се прогласува кога доаѓа до големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на Претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. За да се воведе вонредна состојба, првично Министерството за здравство треба да прогласи епидемија, а во конкретниот случај пандемија прогласена од Светската здравствена организација. Уставот предвидува – одлуката со која се утврдува вонредната состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена.
