Невладини организации и здруженија јавно ја повикаа претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпише указот на Законот за урбанистичко планирање кој беше изгласан деновиве во Собранието и со тоа, да го врати на повторно разгледување. Ова законско решение беше донесено експресно и по скратена постапка, без јавна дебата и расправа што е еден крајно нетранспарентен начин на донесување на овој многу важен закон, велат од здруженијата.
„Барањето наше здружено на голем број на организации од целата држава е указот за законот да не се потпише и законот да се врати во Собранието, бидејќи потребно е да се случи една суштинска, јавна и стручна дебата за да можат да се предвидат сите последици и потенцијални ризици од оние промени кои се планираат со овој закон“, вели Ана Чоловиќ.
„Резултатот од ваквото постапување го знаеме. Ние очекувавме нешто повеќе и подобро, особено на почетокот на мандатот на една власт дека ќе прикаже еден поинаков манир на владеење и управување, бидејќи ако ги повторуваме пак истите грешки од минатото не можеме да очекуваме резултати поразлични од ова што сега го живееме“, вели Јане Димоски.
Дополнителен урбанистички хаос ќе предизвика новото законско решение, бидејќи се прави обид да се одблокира носењето на 600 урбанистички планови бидејќи со старите правилници не се земаат предвид, забележуваат од невладините.
„Не можеш да менуваш на добро враќање на владеење на стари закони, односно една брза измена во кој што ние сега гасиме пожар. Не, пожар не се гаси со палење на нови работи. Вие имате 600 ДУП-ови заглавени, имате проблем кога 4 или 5 години не сте ги донеле тие ДУП-ови и решението не е сега најдовме начин и брзо да ги донесеме“, вели Татјана Стојановска.
Министерот за транспорт Александар Николоски во вчерашното интервју за Сител со понуда до невладините да седнат и заедно да изготват нов закон. Вели дека овие измени на законот се мали кои што се насочени кон олеснување на градби на училишта, градинки, болници и катни гаражи.
„Јас сум спремен да изработиме целосно нов закон за урбанистичко планирање кој што ќе ги опфати сите сегменти и сите сектори кој што би го работела комисија од хетероген состав, во кој што би имале претставници на најрелевантните невладини организации и здруженија на граѓани. Причината зошто ние отидовме сега со овој закон е затоа што пред месец и пол формиравме Влада која што има двотретинско мнозинство, најголемо досега, а таа Влада на изборите вети дека секоја година ќе префрла по 250 милиони евра на општините за да се решат основните комунални проблеми“, вели Александар Николоски.
Инаку, со измените на законот донесен е и посебен закон за скопските општини Центар и Карпош, со кој како што рече Николоски ќе се ограничи изградбата на згради.
