Најмалку 20 лица загинаа по земјотресот со јачина од 7,7 степени и десетиците последователни потреси што го погодија морското подрачје во близина на источна Индонезија, соопштија спасувачките служби.
По силниот утрински земјотрес, во неколку подрачја на земјата беа регистрирани цунами-бранови високи помалку од еден метар. Предупредувањето за цунами беше укинато околу три часа по земјотресот.
Спасувачите во близина на пристанишниот град Маумере пронашле 20 загинати лица, шест повредени и две лица заробени под урнатините, изјави Фатур Рахман, директор на градската спасувачка служба. Спасувачките екипи сè уште не успеале да стигнат до Нагекeo, областа најблиску до епицентарот, каде што биле нарушени комуникациските сигнали, изјави Рахман за агенцијата „Ројтерс“.
Околу 2.000 жители на Нагекeo биле евакуирани, а пријавена е штета на повеќе куќи, магацини и објекти на државните институции, соопшти Националната агенција за управување со катастрофи (BNPB). Пријавени се и сообраќајни метежи и прекини на електричната енергија во делови од областа.
Гувернерот на провинцијата Источна Нуса Тенгара, Емануел Мелкиадес Лака Лена, на прес-конференција изјави дека најмалку пет лица загинале под урнатините на објекти додека спиеле.
BNPB, која првично соопшти дека во земјотресот загинало едно лице, а четири биле повредени, наведе дека сè уште ги собира податоците од теренот.
„Земјотресот беше огромен, потресот беше толку силен. Одмаравме дома со семејството“, изјавила Нона, 51-годишна жителка на Талибура, село во Источна Нуса Тенгара. „Во куќата бевме 13 лица и сите истрчавме за да се спасиме.“
Силно тресење било почувствувано во Источна Нуса Тенгара, Западна Нуса Тенгара и делови од Јужен Сулавеси, а жителите на неколку подрачја пријавиле дека тресењето траело околу една минута, соопшти BNPB. „Повеќето луѓе го почувствуваа потресот и истрчаа од своите домови“, се наведува во соопштението.
Во болница во областа Енде, во провинцијата Источна Нуса Тенгара, пациентите биле изнесувани надвор, покажаа снимките на „Компас ТВ“, додека „Kompas.com“ објави дека е регистриран најмалку еден одрон. Индонезиската агенција за геофизика BMKG го регистрирала првиот земјотрес во 4:58 часот наутро по локално време (21:58 часот по Гринич), на длабочина од 15 километри, по што следувале неколку последователни потреси.
Во 1992 година, истото подрачје беше погодено од земјотрес со јачина од 7,5 степени, кој тогаш предизвика големи разурнувања.
Инаку, Индонезија се наоѓа на таканаречениот „Огнен прстен на Пацификот“, високо сеизмички активна зона каде што се среќаваат различни тектонски плочи, што придонесува за чести земјотреси и вулканска активност. Ова е 11 земјотрес во светот годинава со магнитуда од најмалку 7 степени, а речиси сите од нив беа регистрирани во оваа сеизмичка зона.
