Синдикатите на средба со премиерот Мицкоски – ССМ и КСС раскарани околу општиот колективен договор во јавниот сектор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синдикатите во Македонија како рогови во вреќа. По вонредната средба во владата, по лична покана од премиерот Христијан Мицкоски до Сојузот на синдикатите (ССК) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), двата лидери со меѓусебни обвинувања дека секој од нив работи против работничките права.

Лидерот на ССМ обвини дека КСС сакаат да го суспендираат општиот колективен договор за јавниот сектор, со што ќе се намалат работничките права.

„Меѓутоа, тоа што е лошо, е што другите два синдикати кои учествуваат на состанокот, бараат да се укинат одредбите од Општиот колективен договор во процесот на растот на платите на вработените во јавниот сектор или да се стави Општиот колективен договор ад акта во следниот период, што ќе каже дека нема да има примена ниту една одредба“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

„За општиот колективен договор, да, кажав, еве и во изјавата моја кажав, дека имавме една срамна одредба за покачување од само 0,7% во јавниот сектор, тоа беше 2024 година, септември. Знаете дека дента која се потпишуваше тој општиот колективен договор, баш поради тие причини ние протестиравме“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Ваквите расправии меѓу синдикатите ги стави во втор план двете значајни информации од средбата, а тоа е дека вработените во државната управа, освен правосудството, ќе почнат етапно да добиваат зголемен додаток на плата, почнувајќи од мај.

„Ние бевме договорени, договоривме да тие 30% додатоци на плата да ги добиеме на неколку рати, ако можам така да кажам, во рок од четири години. А покрај тоа, пак потенцирам, додаток на плата, не покачување на плата, а сите вработени во овие институции кои протестираа, секој март да си добиваат усогласување на плата, дали ќе биде тоа со пораст на просечната, дали ќе биде пораст со минималната плата“, изјави Трпе Деаноски, генерален секретар на УПОЗ.

Втората важна вест е дека Организацијата на работодавачи се повлекла од разговорите за зголемување на минималната плата.

„Меѓутоа, тоа што не е добро во целиот процес е што работодавачите во приватниот сектор, откако видоа дека владата го напаѓа Сојузот на синдикати на Македонија, се повлекуваат од процесот на преговорите за зголемување на платите и на вработените во јавниот сектор и, се разбира, се тргнаа од процесот за потребата од зголемување на минималната плата“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Сепак, Трендафилов кажа и дека Владата не ја отфрла можноста за преговори за минималната плата.