Гигантска скулптура во форма на измет беше пуштена во водите на Вардар во Скопје.
Ја изработи активистот Никола Писарев од Центарот за современи уметности, во знак на протест за подигање на гласот за конечна изградба на пречистителна станица.
Тој потсети дека од 2010 се зборувало дека ќе се изгради ваква станица за прочистување на отпадните води во реката Вардар.
Пречистителната станица предизвика жестока расправа пред две години во Советот на Град Скопје, на која градоначалничката Данела Арсовска ги “расипа“ односите со ВМРО-ДПМНЕ и обвини дека фатила директори на ДПМНЕ со “рачињата во медот“. За тоа разрешени беа генералниот секретар Ѓоко Велковски и директорот на „Водовод“ Златко Перински, кој сега е министер за локална самоуправа.
Тендерската постапка за изградба на пречистителната станица заврши во 2022 година. Станицата треба да се изгради во околината на населбата Трубарево и ќе овозможи примарен и секундарен третман на скопската канализација. Објектот ќе има капацитет да ги задоволи потребите на 540.000 жители. Пречистената вода ќе го подобри хемискиот и бактериолошкиот квалитет на Вардар. Помали пречистителни станици се изградени во Сарај за реката Треска и во Новосело за реката Лепенец.
