Следат настава во училница од 5 метри квадратни – на учениците со посебни потреби под итно им треба поголема просторија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Аљбион и Амра следат настава во училница од 5 метри квадратни.

Тие едвај успеваат да се движат со нивните колички и помагала.

Наставничката Џејљан Дрешај едвај успева да предава во толку мала училница. Се надева дека од следната учебна година ќе влезат во поголема просторија.

-Многу ми е тешко, немам место каде да се движам-вели наставничката Џејљан Дрешај.

Учениците од оваа паралелка се запишани во Посебното основно училиште „Златен Сремец“, а се дел од дисперзирана паралелка при ОУ „Наим Фрашери“, односно само ги користат просториите на ова училиште.

Директорот на училиштето „Наим Фрашери“, Идриз Шабани вели дека доставиле барање за проширување на капацитетот на училиштето и дека чекаат одговор од МОН.

ТВ21 пред три месеци извести за состојбата на оваа училница. Тогаш МОН вети дека во март ќе распишат повик за проширување на капацитетот на училиштата, но сега велат:

-Министерството за образование и наука ќе го има предвид ова барање при објавување на постапка за јавна набавка за изработка на проектна документација за реализација на барањата за инвестиции кои се доставени од училиштата во оваа календарска година, а кои ги исполнуваат условите за да бидат реализирани со буџетски средства на МОН-велат од МОН.

Но, и покрај одговорот на ресорното министерство останува неизвесно – како овие ученици ќе го почнат образовниот процес од септември? Наставничката Џејљан заедно со учениците се надеваат дека ќе бидат преместени во поголема просторија која ќе ги исполнува условите за следење на наставниот процес.