Комесарот за човекови права на Советот на Европа Мајкл О’Флаерти изјави дека е „длабоко вознемирен“ од законот усвоен од бугарскиот парламент минатата недела против пропагандата на ЛГБТ+ во училиштата и го повика претседателот Румен Радев да не го потпишува.
„Длабоко сум вознемирен од законот за забрана на таканаречената ЛГБТ+ „пропаганда“ во училиштата, неодамна усвоен од бугарскиот парламент. Го повикувам претседателот Радев да не го потпишува. Властите мора да се борат против дискриминацијата и непријателската реторика против ЛГБТ+ луѓето, вклучително и во предизборието“, изјави Мајкл О’Флаерти на социјалната мрежа Х.
Пратениците во Бугарија забранија да се зборува за различна сексуална ориентација и родов идентитет во училиштата. Ова се случи откако беа изгласани измените на Законот за училишно и предучилишно образование во прво и второ читање. Последниот чекор пред донесување на законот е издавање указ за негово објавување од страна на претседателот на Бугарија Румен Радев.
Текстот го прави незаконски „промовирање на нетрадиционална сексуална ориентација“ и родов идентитет „различен од биолошкиот“, слично на унгарскиот закон кој беше силно критикуван од Брисел.
Законот предизвика протести пред зградата на Националното собрание, при што над 7.000 луѓе побараа од претседателот да стави вето на законските измени.
Вкупно 7.038 потписи од граѓани и 76 невладини се доставени денеска до администрацијата на претседателот со барање шефот на државата Румен Радев да стави вето на измените на Законот за предучилишно и училишно образование.
Наесен во Бугарија ќе се одржат седмите парламентарни избори во последните три години.
