Советот на Општина Струга остана без претседател, а партиите никако да постигнат договор. По вчерашните обвинувања на градоначалникот Менди Ќира дека блокадата доаѓа од НАИ и од листата на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, од НАИ возвратија нарекувајќи ги обвинувањата неосновани. Општинскиот советник Фатон Положани изјави дека Советот уште на првата седница го прекршил законот со ставање на дневен ред на предлог од редовите на НАИ, а по конституирањето точката била повлечена од дневниот ред.
– Со нас тој ниту се консултирал, ниту разговарал, ниту нè повикал. Неговите обвинувања се само знак на политичка немоќ пред ВМРО – станува лав, како дете дома е лав, а кога оди на училиште станува глушец, изјави Фатон Положани, општински советник на НАИ.
Градоначалникот Ќира вчера најави нови избори за советници доколку не се најде решение за деблокада.
– Јас, како градоначалник на Општина Струга, заедно со партиите на мнозинството се договоривме дека доколку опозицијата продолжи со блокадите, во моментот кога ќе се исполнат законските услови ќе организираме предвремени избори за Општинскиот совет, изјави Менди Ќира, градоначалник на Општина Струга.
За оваа состојба ја прашавме Државната изборна комисија, но ни беше кажано дека не се надлежни да зборуваат по ова прашање.
Според Законот за локална самоуправа, советот на општината може да се распушти по сопствена иницијатива доколку за тоа се изјасни мнозинството од неговите членови. Распуштање на советот може да се случи и доколку повторно донесе одредба што претходно била укината или поништена од Уставниот суд, донесе одлуки со кои се загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката, не заседава повеќе од шест месеци или не го усвои буџетот и завршната сметка на буџетот до 31 март наредната година.
Инаку, Советот на Општина Струга се состои од 23 советници: 8 од НАИ, 6 од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од ВЛЕН, по 1 од СДСМ и Левица и 3 од Независната листа на Мерко.
